Постапката за продажба на 100% од акциите на НЛБ Нов пензиски фонд е комплетирана

   

  

Денес, 12-ти Декември, 2017 година во НЛБ Галеријата во Скопје, беше потпишан договор за продажба на НЛБ Нов пензиски фонд, пензиско друштво кое управува со два пензиски фонда во Република Македонија (задолжителен пензиски фонд кој е дел од задолжителниот втор пензиски столб и доброволен пензиски фонд кој е дел од третиот пензиски столб). Целосниот износ со кој управуваат обата фонда во моментот достигнува повеќе од 430 милиони евра. Купувачот на 100% од акциите е групацијата Сава Ре д.д. Љубљана, Словенија. Преносот на акциите ќе се реализира кога ќе бидат обезбедени сите неопходни дозволи од надлежните органи.

  

НЛБ д.д. Љубљана поседуваше 51% од акционерскиот капитал, додека останатиот беше во сопственост на НЛБ Банка АД Скопје, која заедно со НЛБ д.д. Љубљана го продаде својот акционерски удел во НЛБ Нов пензиски фонд.

   

Во име на НЛБ д.д. Љубљана и НЛБ Банка АД Скопје, процесот беше организиран и управуван од НЛБ д.д. Љубљана, од Секторот за корпоративни финансии. Процесот беше спроведен максимално транспарентно. На 17.03.2017 година НЛБ д.д. Љубљана и НЛБ Банка АД Скопје ја информираа јавноста преку порталите на Словенечката и Македонската берза за започнување на процесот на продажба на НЛБ Нов пензиски фонд и ги повикаа сите заинтересирани потенцијални инвеститори да контактираат со Секторот за корпоративни финансии на НЛБ д.д. Љубљана.

   

Бидејќи НЛБ Нов пензиски фонд е стратешки важна компанија за македонскиот пензиски систем, НЛБ Групацијата посвети големо внимание на контролирање на исполнувањето на правните услови за акционерите во македонскиот пензиски систем, од страна на потенцијалните инвеститори. Веруваме дека новиот сопственик Сава Ре, ги исполнува најстрогите критериуми во овој поглед.

Уверени сме дека новиот сопственик со својата финансиска стабилност, како и експертизата и поддршката на моќната и стабилна Сава Ре Групација, дополнително позитивно ќе придонесе кон интересите на членовите на пензиските фондови управувани од НЛБ Нов пензиски фонд.

   

Блаж Бродњак, Претседател на Управниот одбор на НЛБ д.д. Љубљана, при потпишувањето на договорот изјави: „Повлекувањето од сопственоста на НЛБ Нов пензиски фонд во никој случај не значи повлекување од Република Македонија. Напротив, НЛБ Банка АД Скопје останува стратешки член на НЛБ Групацијата, каде што гледаме голем потенцијал за надградба на бизнисот, и со населението, и со корпоративниот сектор. Со Сава Ре, фондот добива соодветен стратешки сопственик од осигурителниот сектор, кој ќе обезбеди не само стабилност, туку и дополнителен развој на компанијата, како и до сега, во интерес на членовите на фондот. Трансакцијата е уште еден показател за големите словенечки интереси за соработката меѓу пријателските нации и забрзаната асоцијација на Република Македонија во Евро- Атланските структури.“

   

Антонио Аргир, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка АД Скопје, изјави: „ Во рамки на реформите на пензискиот систем во Република Македонија, во 2005 година, НЛБ Банка АД Скопје ги искористи знаењето, моќта и тогашната позиција на пазарот и заедно со НЛБ д.д. Љубљана ја препознавме можноста и го основавме НЛБ Нов пензиски фонд, кој на наше огромно задоволство прерасна во уште една успешна приказна, покрај успехот на НЛБ Банка АД Скопје. Денес успешната приказна на НЛБ Нов пензиски фонд продолжува, со новиот сопственик Сава Ре, компанија од областа на осигурителниот бизнис, и уверен сум дека заедно ќе постигнеме уште поголеми успеси, раст и развој на пензиското осигурување во Македонија. Велам „заедно ќе постигнеме“ бидејќи соработката со Фондот во делот на понудата на неговите услуги и понатаму останува достапна преку продажните канали на НЛБ Банка АД Скопје.“

   

Давор Вукадиновиќ, Претседател на Управниот одбор на НЛБ Нов пензиски фонд, изјави: „Пензиското друштво по завршување на процесот на продажба ќе добие стратешки сопственик со големо искуство во осигурителната индустрија, со кој ќе се продолжи развојот и јакнењето на внатрешните капацитети. Нашата цел останува да бидеме сигурно и доверливо Друштво кое воспоставува високи стандарди на квалитет во работењето во областа на пензиското осигурување и управување со средствата на своите членови. Со нашата активна работа ќе продолжиме да работиме во интерес на нашите членови со цел понатамошно јакнење на довербата кај осигурениците во производите кои се значајни за нивната финансиска иднина.”

   

Марко Јазбец, Претседател на Управниот одбор на Сава Ре, изјави: "Сава Ре ги купува сите акции на пензискиот фонд НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје, остварувајќи стратешки влез на македонскиот пазар на пензиско осигурување. Во согласност со нашата стратегија за развој, ние ја следиме нашата стратегија за раст и визија за градење на група за осигурување фокусирана на клиентите.

Ние се здобиваме со важна пензиска компанија со високо ниво на експертиза и бизнис стандарди. Долгогодишната успешна соработка со НЛБ Групацијата на македонскиот пазар ќе продолжи да расте и во иднина. Преку нашата грижа за нашите клиенти, ќе ја одржиме довербата на компанијата на високо ниво и ќе ја подигнеме свеста за важноста на пензиското осигурување ".

  

  

НЛБ Банка АД Скопје